Познат како “иконата на еволуцијата“ и “алката што недостасува“ помеѓу диносаурусите и птиците, Archeopteryx стана едно од најпознатите фосилни откритија на палеонтологијата, пишува Science Daily.

Сега, меѓународен тим на научници и истражувачи при Универзитетот во Манчестер идентификувале нов вид Archeopteryx, кој еволутивно е поблиску до современите птици.

Професорот Џон Надс од Факултетот за науки за Земјата и животната средина на Универзитетот, и неговиот тим истражувале еден од 12-те познати примероци преку спроведување на првиот синхротронски преглед, односно форма на зрачење, врз Archeopteryx-от.

Благодарение на новото истражување, тимот заклучил дека овој поединечен фосил од археоптериксот, познат како “примерок број 8“, е физички многу поблиску до современата птица, отколку до рептилот. Затоа, еволутивно тој е доволно различен за да се опише како еден нов вид – Archeopteryx albersdoerferi.

Истражувањето покажува дека некои од различните скелетни карактеристики на Archeopteryx albersdoerferi вклучуваат фузија на кранијалните коски, различен пекторален појас (граден кош) и елементи на крилата, како и засилена конфигурација на карпали и метакарпални коски.

Овие карактеристики повеќе се забележуваат кај современите птици летачи и не се наоѓаат кај постарите видови Archeopteryx, кои повеќе наликуваат на рептили и диносауруси.

“Преку дигитална дисекција на фосилот откривме дека овој примерок се разликува од сите други. Тој поседува скелетни модификации кои би значеле и многу поефикасен лет. Накратко откривме во што се развила Archaeopteryx lithographica, односно во понапредна птица, која што била подобро адаптирана за летање – и ние ова го опишавме како нов вид на Archeopteryx“, објаснува Надс.