Со закон ќе бидат забранети лозинките како “password” или “admin”, па секој нов уред ќе мора да има комплексна лозинка, или пак еднократна лозинка која што корисниците ќе мора да ја променат.
Американската сојузна држава Калифорнија донесе прилично интересен закон – се забрануваат лошите лозинки. Со овој закон калифорниските власти имаат намера да ги зголемат безбедносните стандарди за уредите кои што се произведуваат или продаваат во таа држава.
Секако, не станува збор за секојдневните лозинки кои што ги користат „обичните“ корисници, туку за “default” лозинките кои што често производителите на геџети и електроника, им ги доделуваат на уредите, како на пример “password” или “admin”.
Овие лозинки, кои што практично се користат и кај сите рутери во Македонија, често се поставени во фабричките поставки на рутерите, веб-камерите или другите уреди. По стартувањето на споменатите уреди, лозинката обично треба да биде променета од корисникот, но во пракса тоа често и не се случува.
Поради неодговорност, мрзеливост или пак поради некои трети причини, лозинката не се менува, па тоа претставува опасност за сопствениците на тие уреди, затоа што постои можност некој да провали во рутерот или веб-камерата.
Законот кој што го донесе државата Калифорнија, ќе ги забрани тие лозинки, па компаниите кои што ги произведуваат уредите, ќе мора да постават покомплексни лозинки, или пак еднократна лозинка која што корисниците едноставно ќе мора да ја променат.
Овој закон ќе стапи на сила во 2020-та година, а доколку технолошките компании не го почитуваат, тогаш корисниците во случај на хакерски напад во кој што е искористена ранливоста на системот поради ваквите лозинки ќе може да тужат и да побараат обесштетување.
Извор: Zimo.hr