Податоци на речиси 30 милиони корисници биле украдени во најголемиот хакерски напад на Facebook во историјата на оваа социјална мрежа, кој се случи пред две недели, потврди компанијата на Марк Цукерберг.
Кога беше откриен нападот, се претпоставуваше дека се украдени податоците на дури 50 милиони корисници, но, се покажа дека не станува збор за толку голем број.
Во денешното соопштение се наведува дека на 29 милиони луѓе им се украдени имиња, имејл адресите и телефонските броеви.
Покрај тоа, на 14 милиони корисници им биле украдени повеќе податоци, како што се адресата на живеење, датумот на раѓање и адресите кои најчесто ги посетувале. Facebook ќе ги извести сите на кои им биле украдени податоците.
Од Facebook не го именуваа сторителот, но, велат дека ФБИ „активно истражува кој го извршил напад” и апелираа до нив да не расправаат околу тоа кој би можел да стои зад нападот.