Истражувачи при Универзитетот во Женева (UNIGE), Универзитетот во Кембриџ, Велика Британија и Сојузниот технолошки институт на Лозана (EPFL) велат дека матичните клетки од глувци имаат способност да произведат псевдо-ембриони, пренесува Science Daily.
Основани од околу 300 ембрионални матични клетки, овие структури, наречени гаструлоиди, покажуваат развојни карактеристики слични на оние кои ги има задниот дел од ембрионите на возраст од 6 до 10 дена. Студијата покажува дека трите главни ембрионални оски се формираат според генетско програмирање, слично на онаа на ембрионите. Гаструлоидите на тој начин поседуваат извонреден потенцијал за проучување на раните фази на нормалниот или патолошкиот ембрионски развој кај цицачите.
Тимот на Алфонсо Мартинез Аријас, професор при Одделот за генетика на Универзитетот во Кембриџ, Велика Британија, неодамна открил дека под одредени услови, ембрионските матични клетки од глодарите можат да се соберат во три-димензионални агрегати. Овие ентитети покажуваат различни карактеристики на раните фази на ембрионалниот развој.
“За да се утврди дали гаструлоидите се организираат во ембрионски структури, го карактеризиравме нивното ниво на генетска активација во различни фази од развојот“, објаснува Денис Дубуле, професор на Одделот за генетика и еволуција на Факултетот за науки на UNIGE и на швајцарскиот институт за експериментални истражувања за рак на EPFL.
“Гаструлоидите формираат структури кои се слични на задниот дел на ембрионот, чија развојна програма е поинаква од онаа на главата“, вели Леонардо Бекари, научник во групата Женева и коавтор на студијата.
Поврзани артикли