Додека најбараниот автомобил на електрична енергија оваа година во Америка е Tesla Model 3, во Европа, каде продажбата на овој автомобили се уште не е официјално започната, приматот за 2018 година го држи Nissan Leaf
Една година по лансирањето и почетокот на продажбата на втората генерација на Nissan Leaf, овој модел е прв по бројот на испорачани возила на Стариот континент од сите електрични автомобили.
Во првите осум месеци од 2018 година, јапонскиот производител веќе продал 26.000 возила на европскиот пазар. Според Nissan, во Европа се испорачува во просек по еден Leaf на секои 10 минути. Од вкупниот број продадени возила, повеќе од 8.000 се однесуваат на флотна продажба на компании и други правни лица.
Моделот Leaf во 2018 година бележи значителен раст на продажбата во земји како Австрија, Франција, Германија, Холандија, Португалија и Шпанија, додека во Норвешка оваа година, моделот на струја на Nissan е најпродаван од сите патнички возила, како електрични, така и оние со конвенционални мотори (бензински и дизел мотори).
Во споредба со првата генерација, новиот Leaf не само што има многу помодерен дизајн, туку е опремен и со батерии со поголем капацитет, од 40 kWh. Максималната автономија на движење со целосно наполнети батерии е 270 km, мерено според новата постапка WLTP.
Компактниот електричен модел на Nissan моментално е достапен во 51 земја низ целиот свет, а од 2010 година, откако автомобилот е присутен на пазарот, првата и втората генерација на Leaf имаат вкупна продажба од над 350.000 единици.
Извор: Додај Гас