Батеријата на паметните телефони најбрзо се троши на студено време, но не е добро ниту да го полните телефонот на исклучително ниски температури.
Прекраткото траење на батеријата е најголем проблем на паметните телефони за поголемиот дел од корисниците, бидејќи постојано не можеме да се одделиме од нив.
Покрај честото користење на телефон, уште некои фактори влијаат за брзото трошење на батеријата.
Ниските температури – Веројатно сте забележале дека овие денови батеријата ви се празни побргу од обично, а причина за тоа се секако ниските температури. Експертите се едногласни во ставот дека ладното време е најголем потрошувач на батеријата на смартфоните.
Идеална температура за полнење на батериите е собна температура (околу 20 степени), но додека полнењето на температури меѓу 5 и 45 степени не би требало да влијае на батеријата, ако телефонот е приклучен на полнач на температура под нулата, тогаш може да дојде и до оштетување на батеријата.
Светлината на екранот – Осветлувањето на екранот во позадина многу влијае врз потрошувањето на батеријата, посебно ако често добивате различни известувања кои го активираат екранот. За да го намалите овој начин на потрошувачка на батеријата, намалете ја светлината на телефонот, односно одберете опција за автоматска светлина.
Слаб сигнал на мобилната мрежа – Слабиот сигнал на мобилната мрежа, но и на WI-FI мрежата исто така може да има свое влијание на брзата потрошувачка на батерија, бидејќи смартфоните константно бараат подобар и посилен сигнал.
Лошо кодирани апликации – Во некои ситуации дури и лошо кодираните апликации можат да влијаат на забрзаната потрошувачка на батерија. На таквите апликации е најдобро да ја исклучите нивната работа во позадина, но тогаш нема да можете да добивате известувања од тие апликации, се додека не ги отворите.
Известувања на екранот – Ако ја имате активирано опцијата за добивање на известувања од бројни апликации, вашиот екран константно ќе се вклучува, што ќе влијае на побрзата потрошувачка на батерија, па се препорачува да ги исклучите тие известувања од апликациите.