Регулаторот на личните податоци во Европската унија (ЕУ) може да го казни Facebook со до 1,63 милијарди долари за хакерскиот напад на нејзините системи, кој компанијата го објави во петокот и во рамките на кој се компромитирани податоците на повеќе од 50 милиони корисници.
Казната ќе биде изречена доколку регулаторите сметаат дека компанијата ги прекршила строгите нови правила на блокот за заштита на личните податоци, пишува „Wall Street Journal“.
Ирската комисија за заштита на податоците, кој е водечки европски регулатор во оваа област, изјави дека побарала повеќе информации од компанијата за обемот и природата на нападот, вклучувајќи кои граѓани од ЕУ биле погодени од нападот.
Во соопштението испратено по електронска пошта, регулаторот изјави дека е „загрижен од фактот дека овој напад бил направен во вторникот и влијаел на неколку милиони кориснички сметки, но Facebook не успеала да ја открие суштината на нападот и ризикот за корисниците во оваа фаза“.
Портпаролката на Facebook во неделата рече дека компанијата ќе одговори на дополнителните прашања на регулаторот и ќе го држи во тек идниот развој на случајот.
Главниот извршен директор на Facebook, Марк Цукерберг изјави во петокот дека социјалната мрежа прифаќа дека се случило нешто многу сериозно и се уште се обидува да воспостави детали.
Нападот е значителен удар за Facebook додека траат нејзините напори да ја врати довербата по нејзините проблеми во последната година.