Микро-роботите во иднина би можеле да го пронајдат своето место во човечкото тело со цел во организмот да достават одреден лек, да зашијат рана и да спречат внатрешно крварење.
Еден од најнапредните микро-роботи е малиот робот кој што потсетува на гасеница, со оглед на тоа што се движи со помош на мали „нозе“ кои што потсетуваат на инсектот.
Овој робот е креиран на Универзитетот во Хонг Конг, има димензии од 17х7 милиметри, а составен е од силиконски материјал кој заедно на едно место држи магнетни елементи. Магнетизираните делови овозможуваат роботот да се движи како гасеница, а ваквиот дизајн има неколку предности.
Благодарение на малите „нозе“ нема триење и движењето е олеснето, па роботот на тој начин може да се движи кон својата дестинација во најразлични услови. Покрај функционалноста во движењето, роботот има предност и кога е во прашање носење на „товарот“. Имено, тестовите потврдиле дека може да понесе лек кој е 100 пати потежок од него.
На тој начин овој робот во иднина би можел да биде вметнат во човековото тело и без проблем да однесе лек до одредено место. Тоа ќе биде далеку поефикасен метод на лекување, отколку вообичаените методи кои што не практикуваат нанесување на лек на заболеното место длабоко во организмот.
Овој робот и натаму е во фаза на развој, а креаторите, меѓу другото, се обидуваат да го изработат роботот од биоразградливи материјали кои ќе овозможат роботот безбедно да се раствори во човечкото тело откако ќе ја изврши својата мисија.
Извор: PCPress.rs
Поврзани артикли