Се сеќавам, првиот пат кога навистина почнав со програмирање на веб сајт, одлучив дека сакам веб сајт за бизнисот кој тогаш го водев, и решив дека на него да го креирам изгледот и чувството од еден луксузен британски бренд.
…Кој беше изграден во Flash.
…само што јас не сакав да учам Flash, па си помислив поголемиот дел од транзициите и анимациите на сајтот да ги направам употребувајќи JavaScript.
Да, првиот програмски јазик кој го научив беше JavaScript! И сајтот беше сличен со оригиналниот сајт, само што не беше толку елегантен.
Во следните неколку години, несериозно се занимавав со неколку други јазици во зависност од проектот на кој работев. Научив PHP за да работам со WordPress. Малку научив и ASP.NET за да работам на еден веб сајт за компанијата со која тогаш соработував. Експериментирав со Ruby и Swift на различни проекти за апликации. Сум работел со SQL на многу веб сајтови.
Најдобрата работа со програмските јазици е што концептот е сличен кај најпопуларните јазици, со само неколку работи кои се специфични за секој од нив.
Епа, како тогаш да одлучите кој програмски јазик да го научите прв? JavaScript е многу корисен и многу се бара, но PHP ќе ви овозможи да креирате прилагодени WordPress сајтови… и сигурно сте ги чуле програмерите во Ruby како го издвојуваат токму тој јазик како посебен.
Програмските јазици имаат многу заеднички работи, а во текот на кариерата сигурно ќе треба да научите неколку од нив, па затоа најдобро е прво да размислите на каков тип на проекти би сакале да работите. Дали сакате да креирате апликации? Или веб сајтови за клиенти?
Откако ќе добиете претстава за типот на проекти на кои ќе сакате да работите, погледнете ја листата подолу. Кога ќе почнете секако дека може да продолжите со друг јазик.
Ако сакате да креирате Mac или iPhone апликации
Научете SWIFT
Се разбира дека постојат многу различни работни рамки кои може да ви дозволат да креирате мобилни апликации употребувајќи работи од типот на HTML и JavaScript, но, ако сте сериозни и сакате да креирате iOS апликации, навистина мора да научите Swift. Бонус: Swift се употребува и за градење на Mac OS X десктоп апликации!
Ако сакате да креирате Android апликации
Научете JAVA
Можеби iOS не е она што го сакате. Ако повеќе сакате да креирате Android апликации (што вклучува апликации за работи како Kindle Fire,а не само паметни телефони), тогаш јазикот кој треба да го научите е Java! Android апликациите се програмираат во Java.
Java порано беше стандардот за учење програмирање на курсевите за компјутерски науки (но, потоа беше заменета од Python, за кој ќе зборувам малку подолу во текстот), што значи дека е добар јазик за почеток, а исто така е неверојатно моќен и има премногу напредни можности.
Ако сакате да работите со WordPress…
Научете PHP
WordPress е најпопуларниот систем за управување со содржина на планетава. 31% од сите веб сајтови на светов работат на WordPress, со 50,000 НОВИ сајтови кои се појавуваат секој ден! Со други зборови, ако научите WordPress ќе ви се отвори голем пазар.
WordPress е програмиран со PHP, па ако сакате да работите со WP, ќе треба да го совладате PHP. PHP е лесен за нови програмери,а има и напредни опции за поискусни развивачи.
Постојат и други CMS системи кои се креирани со PHP, како Joomla и Drupal. PHP предодредено е инсталиран на повеќето веб сервери, па затоа има логика тоа што многу веб сајтови се креираат со него.
Ако сакате да креирате веб апликации
Научете RUBY (ON RAILS)
Постојат многу различни јазици кои можете да ги употребуите за да креирате веб апликации, но еден од најпопуларните е Ruby (и Ruby on Rails). Станува збор за работна рамка која е создадена за да ги олесни најчестите задачи во процесот на развој на веб.
Сајтовите како на пр. Airbnb, Shopify, и Hulu се изградени со Ruby, што може да ви даде идеја за тоа колку може да е моќен овој јазик.
Ако сакате да работите на големи, комплексни сајтови и апликации кои работат со податоци
Научете SQL
Навистина големите веб сајтови и апликации кои работат со податоци имаат едно нешто заедничко: бази на податоци. Повеќето од тие бази на податоци се напишани во некој SQL (MySQL, PostgreSQL, Microsoft SQL, итн.). Имено, дури и помалите веб сајтови извлекуваат податоци и информации од база на податоци (тука вклучувајќи ги и блоговите и сајтовите изградени врз CMS). SQL е насекаде, и ако употребувате интернет, сигурно сте го сретнале до сега, иако можеби не сте свесни за тоа.
Ако сакате богат сет на вештини кои ќе ви бидат од корист на скоро секој сајт или апликација, тогаш SQL е одличен избор. SQL вештините имаат голема вредност ако вашата намера е да станете аналитичар на податоци или стратег.
Ако сакате да креирате игри и аудио/видео апликации
Научете C++
C++ е програмски јазик за апликации во кои е важна изведбата, како игри и аудио/видео апликации. Сите најголеми Adobe апликации (Photoshop, Illustrator, After Effects, итн.) се изградени со C++. Овој јазик се употребува и во OS X оперативниот систем на Apple. Делови од Facebook, Google, и различни Microsoft апликации се напишани во C++. Овој јазик се употребува дури и за SETI@home проект!
Ако сакате да работите на вакви големи проекти за софтвер и веб, C++ програмскиот јазик е задолжителен.
Ако сакате да креирате Windows апликации
Научете C#
C# најчесто се употребува за апликации кои работат на Windows. Се користи за веб развој (со .NET работната рамка на Microsoft), за развој на игри, и општ Windows развој.
Неодамна, преку Xamarin, исто така, можно е да креирате и iOS и Android апликации со C#!
Ако сакате да креирате модерни веб сајтови и апликации
Научете JAVASCRIPT
Се разбира дека можете да креирате веб сајт само со HTML и CSS. Но, ако сакате да изградите веб сајт кој ќе одговара на модерниот веб, тогаш мора да научите JavaScript.
JavaScript е најчест јазик за додавање на интерактивност на веб сајтовите и апликациите. Најчесто се употребува со библиотеки како jQuery и AngularJS за креирање на веб апликации кои може да работат на сите современи прелистувачи и типови на уреди. JavaScript исто така може да се употребува и со работни рамки како phonegap за мобилни апликации за iOS и Android.
Негативната страна на JavaScript е тоа што е комплициран за учење и за дебагирање. Но не плашете се ! Можете да научите JavaScript (и jQuery, и многу други одлични работи)
Ако сакате да работите во сектор за образование
Научете PYTHON
Ако сакате да предавате програмирање, или да работите на сајтови кои се наменети за училишта и универзитети, Python е вашиот јазик. Иако не постои само еден, единствен програмски јазик кој се употребува во сите универзитети, колеџи и приватни училишта, сепак Python дефинитивно е најпопуларен. Python лесно се учи, и се фокусира на едноставен и сигурен код (бидејќи е многу сличен на англискиот јазик).
Неодамна, Python ја исфрли Java од главната позиција кај курсевите за почетници во прoграмирањето, со осум од вкупно десетте најдобри програми кои го употребуваат Python за наставата за програмирање. Заради неговата популарност во сферата на образованието, Python има многу библиотеки за математика, физика и NLP.
Покрај тоа, веб сајтовите за NASA и PBS се изградени со Python!
Текстот е преземан од blog.everest.mk