Ford на саемот на комерцијални возила во Хановер прикажа концепт за камион-шлепер на електрична енергија.
F-Vision е футуристичко товарно возило кое е осмислено во центарот Ford Otosan во Турција. Ford соопшти дека дизајнот на концептот е инспириран од суперхероите на Marvel.
Американскиот произведувач се уште ги нема објавено техничките детали, но како што пишува “Motor Authority”, возилото има електричен погон слично како и камионот-шлепер Tesla Semi од 2017 година.
Покрај тоа, ова товарно возило ќе биде опремено со технологија на автопилот за да им се олесни работата на возачите кои возат по автопат на долги релации.
F-Vision има изразен аеродинамичен облик за максимално да се намали отпорот на воздухот и да се овозможи што поголема автономија во возењето помеѓу две дополнувања на батериите.
На добрите аеродинамични карактеристики влијае и отсуството на големите надворешни ретровизори, наместо кои се наоѓаат мали камери, а сликата се емитува на екраните во кабината на возилото.
Вакво решение јавноста неодамна виде и на продукцискиот камион-шлепер Actros на Mercedes, кој исто така е присутен на овогодинешниот саем во Хановер.
Извор: B92.net