Кинескиот гигант во онлајн трговијата, Alibaba планира да создаде сестринска фирма, која ќе се специјализира во развој на чипови, особено за вештачката интелигенција (AI), објави Ројтерс.
Уште во втората половина на 2019 година новото претпријатие треба да го претстави својот прв AI процесор. Се претпоставува дека чипот ќе најде примена во системите за самоуправање на автомобилите и во паметните градови, како и при решавање на логистички задачи.
Покрај тоа, преку својата ќерка компанија, Alibaba планира да лансира и AI процесори за вградени системи. Така, компанијата се надева дека ќе влезе во ветувачкиот пазар за облачни услуги и „Интернет на нештата“ побрзо.
Стремежот на Alibaba да развие сопствен хардвер, вкл. за вештачка интелигенција, се вклопува во владиниот курс на Кина, насочен кон намалување на зависноста од увоз на електронски компоненти.