Новата верзија на популарниот OnePlus 6 доаѓа со голем број на исти опции, а од новитетите најмногу се истакнува поголемиот екран и селфи камерата која што овој пат пристигнува со поголема резолуција.

Оваа седмица во која што главна вест се паметните телефони кои што Apple ги претстави во средата, на интернет се појавија информации и за новиот паметен телефон на компанијата OnePlus.

Станува збор за компанија чија што популарност посебно во Кина е во огромен пораст, а корисниците ги освои со класичната комбинација на пристапна цена и напреден хардвер. Токму таква беше и ситуацијата со OnePlus 6 кој што беше претставен во мај оваа година, а интересно е тоа што дури и во Њујорк имаше големи редици кога започна неговата продажба.

После „класичната шестка“, сега е време за 6Т моделот кој што OnePlus би требало да го претстави на 17-ти октомври.

Според гласините, новиот OnePlus 6Т ќе има 6,4-инчен AMOLED екран со резолуција од 2340х1080 пиксели и ќе го покрива речиси целиот преден дел од телефонот. Сензорот за отпечатоци на прсти, како што е познато, ќе биде сместен под самиот екран.

Хардверски, сосема очекувано, ќе биде опремен со Snapdragon 845 и ќе биде достапен во верзии од 6 и 8 GB RAM меморија, а купувачите исто така ќе можат да изберат и помеѓу модели од 64, 128 и 256 GB интерна меморија.

Што се однесува до камерата, се очекува на задната страна да има две камери, од по 12 и 20 мегапиксели, а на предната страна да биде сместена унапредена селфи камера од 25 мегапиксели. Цената на овој телефон би требала да се движи од 500 до 600 долари, а сите детали би требало да ги дознаеме кон средината на октомври.

Извор: Zimo.hr