лобализираниот систем за храна го отежнува водењето здрав начин на исхрана и придонесува за дебелината и прекумерната телесна тежина, особено во земјите што увезуваат најголем дел од нивната храна, укажува генералниот директор на ФАО, Хозе Грацијано да Силва.
„За жал, стоките и индустријализираната евтина храна се многу полесни за меѓународната трговија“, рече Грацијано да Силва обраќајќи им се на учесниците на техничката работилница за безбедност на храната и здрава исхрана организирана од Папската академија на науките на Ватикан.
Процените покажуваат дека денеска 2,6 милијарди луѓе се со прекумерна тежина и дека преваленцата на дебелината кај светското население е зголемена од 11,7 проценти во 2012 година на 13,2 проценти во 2016 година.
„Ако не преземеме итни мерки за да ги запреме зголемените стапки на дебелина, набргу можеме да имаме повеќе дебели луѓе отколку недоволно исхранети во светот“, истакна Грацијано да Силва. „Постојат неколку основни фактори заслужни за глобалната пандемија на дебелина. Нездравиот начин на исхрана е најзначајниот“.
Проблемот е особено изразен во малите островски земји во развој на Пацификот, кои мора да увезуваат поголем дел од нивната храна, со стапка на дебелина која се движи од повеќе од 30 проценти на Фиџи до 80 проценти кај жените во Американска Самоа. Во најмалку 10 пацифички островски земји над 50 проценти (и кај некои до 90 проценти) од населението имаат прекумерна тежина. Преголемата потрошувачка на увезена индустриска храна со висока содржина на сол, натриум, шеќер и трансмасти е главен причинител на оваа ситуација.
Тој укажа на зголемена достапност на видовите храна со висока енергетска вредност, богати со масти, шеќер и сол, чија продажба е поттикната од интензивен маркетинг и рекламирање.
„Брзата и нездрава храна е најдобриот пример за тоа. Овој вид храна е поевтин и подостапен, како и полесен за подготовка од свежата храна, особено за сиромашните луѓе во урбаните средини“, рече Грацијано истакнувајќи дека при намалени ресурси на храна луѓето избираат поевтини прехранбени продукти, кои често се со висококалорични, а со ниски хранливи вредности.
Консумирањето на оваа евтина храна, пак, има висока цена за општеството, а тоа е прекумерната телесна тежина како главен ризик-фактор за многу болести, како што се срцевите заболувања, мозочниот удар, дијабетесот и некои видови рак.
„Државите треба да имаат закони во насока на здрав начин на исхрана, кои го поттикнуваат приватниот сектор да произведува здрава локална храна“, потенцира Грацијано да Силва. Тоа може да вклучуваа воведување даноци за нездрави прехранбени производи; јасно и информативно обележување на производите; ограничување на рекламирањето на брзата храна за децата; и намалување на нивото на сол и шеќер користени за производство на храна, па дури и забрана за употреба на некои состојки, како што се трансмастите.
Владите исто така треба да ја поттикнат разновидноста на исхраната и да го олеснат пристапот на локалните производи од семејните земјоделски производители до потрошувачите. Дополнително, програмите за исхрана во училиштата може да се поврзаат со локалните производители за производство на храна за училишните оброци, со што ќе се поттикне локалната економија, а истовремено се промовира здрава исхрана за децата.
Генералниот директор на ФАО исто така потенцира дека трговските договори мора да бидат дизајнирани на начин што ќе го поевтинат производството на локална нутритивна храна, истовремено ограничувајќи го приливот на увезени евтини производи богати со масти, шеќер и сол. Тој исто така ја нагласи и важноста на образованието, вклучително и училишните наставни програми што ги учат децата за производство и избор на здрава храна, за здраво готвење, како и поголем пристап до информации за потрошувачите за здравиот начин на исхрана.