Американската Национална воздухопловна и вселенска агенција (NASA) вчера го лансираше и тестираше новиот топлотен штит, налик на чадор, којшто отвара можности за испраќање луѓе на Марс.
„Новата технологија наречена АДЕПТ е сместена во помала, суборбитална ракета, прилагодена за да овозможи заштита на поголем товар кој влегува во земјината атмосфера“, објаснува Брендон Смит, главен истражувач на NASA за проектот.
АДЕПТ беше тестиран во космодромот во Ново Мексико, при што успешно се врати на Земјата. Формата на самиот штит му овозможува да заштити поголеми површини во однос на досегашните штитови кои се поставуваат на ракетите за да спречат согорување при големите брзини со кои се влегува во земјината атмосфера. Ова може да значи и остварување посложени мисии на други планети во иднина.
„Новиот штит би се употребувал и за експерименти во горната земјина атмосфера и истражување на Венера. Тоа натаму би можело да се користи и за истражувањата на Марс, на пример, или пак, за испраќање на човек на Марс“, додава Смит.
NASA се подготвува да испрати ново роботско возило на Марс во 2020 година, а летало со човечки екипаж е планирано за 2033 година. Пред да може да испратат луѓе на Црвената Планета, научниците сепак ќе треба прво да однесат опрема и нов топлотен штит.
Поврзани артикли