Тим од истражувачи разви план за колонизирање на Марс, Месечината или потенцијално било која друга планета во нашиот Сончев систем

Во новото истражување научниците од швајцарскиот институт École Polytechnique Fédérale de Lausanne (EPFL) дизајнираа самоодржлива истражувачка база која би можела да се користи за мисии на Марс или некоја од другите планети во наредните неколку години.

Планот вклучува и праќање на роботи на Марс кои ќе бидат задолжени со градење на базата, а целта е да се искористат природните ресурси од „црвената планета“ и конечно да се испрати човечки екипаж на површината, кој би живеел таму во наредните девет месеци. Научниците од EPFL сметаат дека оваа база може да биде поставена на северниот пол на Марс, а тие ја имаат поддршката од многу експерти, меѓу кои и Елон Маск, кој смета дека оваа планета ги има сите потребни услови за да може да понуди барем краткорочен живот за ограничен човечки екипаж.

„Половите можат да бидат предизвик на самиот почеток, но сметаме дека тие се најдобра локација бидејќи имаат природни ресурси кои можеме да ги искористиме. Сакавме да развиеме стратегија базирана на технологиите кои се одбрани во согласност со тимот и така испишавме тест-сценарио на начин на кој 20 години од сега астронаутите ќе можат да изведат една ваква мисија“, рече Ен-Марлен Руед, лидер на истражувањето.

Истражувачката база би била составена од три различни модули. Главната зграда во базата би вклучувала јадро од 12,5 метри височина и пет метри широчина. Научниците ја опишуваат како минимален простор за живот во кој може да се сместат важни материјали и ресурси. Трите капсули за живеење би биле прикачени на јадрото.

Според планот, сите градби би биле направени од полиетиленски влакна и слоеви од мраз дебели до три метри. Ваквата градба би го заштитила екипажот од радијација и микрометеороиди.

Тимот кој го направи ова истражување во моментов работи на поставување на оперативен кран кој ќе служи како точка за трансфер на ресурси помеѓу шатловите кои доаѓаат од Земјата и базата на Марс.

Извор: Klix.ba