Шведска претстави пат што е способен да ги полни батериите на автомобилите што возат по него.
Патот долг 2 километра го поврзува аеродромот „Арланда“ во Стокхолм и едно место надвор од градот, а додека електричниот автомобил се движи по патот, тој ќе му ги наполни батериите.
Технологијата што ја користи патот е т.н. спроводен полнач, при што енергијата се префрла од две ленти со електрични шини инсталирани на површината на патот сè до автомобилот благодарение на рачка на дното од автомобилот или камионот. Тестовите при кои патот е поплавен со солена вода покажуваат дека нивото на струја на површината на патот било доволно ниско да може врз него да се движиме босоноги, па оттука не постои ни потенцијална нуспојава кај ваквиот пат.
Полнењето автоматски прекинува кога автомобилот ќе запре и системот сам ја пресметува потрошувачката на енергија на секое возило, а со самото тоа и цената што возачот треба да ја плати.
Со овој проект Шведска сака да постигне независност од фосилни горива до 2030 година, што би значело редукција на издувните гасови до 70%.
Еден километар од патот чини милион долари, а планот е да се изградат 20 илјади километри вакви патишта.