Во 1962 година, во Нидерстоцинген (Баден-Виртемберг, Германија) е откриена алеманска гробница со остатоци од човечки скелети, а истражувачите при истражувачкиот центар “Еурак“ во Бозен-Болзано, Италија и на Институтот за наука за човековата историја Макс Планк во Јена, Германија, дури сега имаа можност да ги испитаат ДНК примероците од овие скелетни остатоци.
Ова им овозможило на истражувачите да го утврдат не само полот и степенот на сродство на тие луѓе, туку исто така и нивното потекло од предците – нешто што дава нови согледувања за општествените структури во раниот среден век.
Резултатите од оваа студија покажуваат дека генетското истражување може да ги надополни истражувањата направени од археолози и антрополози преку поконвенционални методи.
Археолозите пронајдоа тринаесет човечки скелети, остатоци од три коња, како и совршено сочувани гробни реликти од различно потекло. Гробницата, откриена во близина на еден римски пат недалеку од Улм, се смета за еден од најважните алемански погребни места во Германија.
Погребното место се состои од индивидуални и заеднички гробници, за каде се смета дека поединците не биле закопани во исто време. Молекуларните генетски истражувања сега овозможија нови детали за поединците и нивните гробови, како и за погребениот ритуал на воините.