Шеснаесетгодишник од Австралија успеа да го хакира системот на Apple и да извлече важни податоци од нивните бази со податоци, но наместо да ги злоупотреби податоците, тој рече дека го направил бидејќи е огромен фан на компанијата и се надева дека еден ден ќе работи таму.
Според весникот The Age, адвокатот на момчето пред судот изјави дека неговиот клиент успеал неколкупати да ја хакира мрежата на Apple во период од една година.
Момчето, кое учи во приватно средно училиште, ги зачувало сите податоци во фолдер наречен „hacky hack hack“. Иако судот беше известен дека момчето симнало преку 90GB доверливи информации од Apple, претставници на компанијата изјавија дека нивните корисници не биле на ниту еден начин оштетени или обесправени.
Од Apple велат дека ја идентификувале опасноста и го известиле FBI, кој подоцна го предал случајот на австралиската федерална полиција.
„Ние во Apple сме силно посветени на безбедноста на податоците на нашите клиенти. Во овој случај, нашите екипи ја открија заканата и го пријавија случајот кај властите. Сметаме дека податоците на клиентите се наша најголема одговорност и сакаме да се осигураме дека тие во ниту еден момент нема да бидат загрозени“, пишува во соопштението на Apple.
Момчето се изјасни како виновно и изјави дека немал намера да ги користи податоците кои ги симнал, туку само сакал, како голем фан на компанијата Apple, да ја покаже амбицијата која еден ден можеби ќе го доведе во ситуација да работи за технолошкиот гигант.
Поврзани артикли