Употребата на мобилни уреди за плаќање на стоки и услуги во продавниците ќе биде главниот двигател за растот на финансиските услуги меѓу луѓето на пазарите во развој, кои немаат банкарски сметки, покажува извештај на „Juniper Research“.

Според прогнозата, бројот на мобилни плаќања извршени од корисници кои не се клиенти на банките, ќе се зголеми од 1,8 милијарди во 2018 година на 3,8 милијарди до 2023 година. Во монетарна смисла, се очекува зголемување од 9,7 на 22 милијарди долари за истиот период.

Во земји со ниски примања многу луѓе не отвораат банкарски сметки, но зголемената популарност на смартфоните придонесува за појавата на електронски портфолија (новчаници), кои овозможуваат брзо плаќање без провизија. Така на пример, во Кенија услугата „Lipa Na M-Pesa“, популаризирана од локалниот телеком оператор Сафариком, е широко популарна – повеќе од 100.000 претприемачи се поврзани со овој систем.

Се очекува до 2023 година, обемот на директните мобилни плаќања извршени од купувачите без учество на банката, да надмине 16 милијарди долари годишно во земјите од Блискиот Исток и Африка.

Основниот иноватор во овој сегмент, според аналитичарите, е Мастеркард, која стартуваше платежно решение, базирано на Ку Ар кодови. Од Мастеркард се убедени дека до крајот на 2020 година оваа услуга ќе биде користена од 40 милиони мали претприемачи.