Научниците преку нов систем за прогноза предвиделе дека периодот меѓу 2018 и 2022 година ќе биде невообичаено топол, со поголема веројатност за екстремни температури.

„Многу е веројатно дека климата во следните 5 години ќе досегне период на потопло време од вообичаено поради трендот на глобалното затоплување“, се вели во студијата на британски и холандски истражувачи создадена врз основа на нов систем за прогнозирање.

Истражувањето објавено во научното списание „Нејчр комуникејшнс“ вели дека овој тренд ќе ги зајакне тековните и долгорочните трендови на глобалното затоплување.

Ваквите прогнози се случуваат во моменти кога силен и долг топлотен бран владее во северната хемисфера на Земјата.

Истражувачите велат дека развиле статистички модел кој обезбедува веродостојни предвидувања за просечната температура на воздухот и морската површина. Моделот ги зема предвид надворешните фактори што влијаат на просечната температура на земјата, како што се емисиите на стакленички гасови и аеросоли, кои се последица од разни социо-економски причини.