Кинеската компанија Xiaomi го претстави Mi Max 3, својот најнов и најголем паметен телефон, објави The Verge.

Mi Max 3 доаѓа со огромен 6,9 инчен екран со Full HD+ резолуција и сега веќе стандардниот издолжен формат со сооднос од 18:9. Екранот има многу мали рамки од страните, а тие не се нешто посебно големи на горната и долната страна, со што се добива еден уред со навистина интересен изглед, посебно поради неговата големина.

Работи на Snapdragon 636 чипот кој вклучува процесор со осум јадра кои работат на 1,8 GHz. Во делот за меморија, Mi Max 3 доаѓа со избор од варијанта со 4 GB RAM и 64 GB простор за податоци, како и 6 GB RAM и 128 GB простор за податоци.

Моделот се напојува со батерија со масивен капацитет од 5.500mAh, но неговиот дизајн е тенок со дебелина од 7mm. Достапна е технологијата за брзо полнење – Quick Charge 3.0. Меѓу другите функции можеме да забележиме двојна задна камера (12MP + 5MP) и 8MP предна камера.

Паметниот телефон ќе биде достапен во сина, црна и златна боја, а по цена од 250 долари ќе може да се купи верзијата со 4GB RAM и 64GB меморија. Продажбата на Mi Max 3 започнува во Кина и сè уште нема информација за тоа дали уредот ќе се појави на другите пазари.