Ширењето на гласини и дезинформации пред изборите во САД во 2016 година и пред референдумот за Брегзит во Велика Британија прозвучија како сигнал за аларм за традиционалните медиуми. Тие се ставија во позиција да се борат за повраќање на довербата на публиката и да застанат во првата линија на фронтот против „лажните вести“.
Големите медиуми, многу често во партнерство со технолошките гиганти и социјалните мрежи, се впуштија во проверка на информациите, т.н. проверка на фактите, и ја истакнуваат желбата за новинарство базирано на факти.
Но нивните напори се комплицираат од политичката употреба на изразот „лажни вести“, особено од страна на американскиот претседател Доналд Трамп, кој често со тој термин ги нарекува медиумите што не се благонаклони кон него.
Чувари на вистината
Неточните информации се толку стари, колку и самото новинарство, но брзината на ширењето на сомнителни информации преку интернет и социјалните мрежи во суштина ја промени улогата што традиционалните медиуми ја имаа како заштитен ѕид против лагата.
Неодамнешниот пример во Индија е особено поразителен. Во јуни во индиската сојузна држава Гуџарат стотици лица учествуваа во напад и линчување убедени дека станува збор за припадници на мрежа на криумчари на деца. Тоа насилство беше поттикнато од гласини проширени преку ВатсАп.
Професорот по новинарство на Универзитетот во Илиноис, Џон Хаксфорд, смета дека социјалните мрежи „ги направија работите уште полоши“. – Тие овозможуваат лесно заобиколување на заштитата што ја претставува традиционалното новинарство и овозможуваат секој да може да објавува што ќе посака, било тоа да е пристрасно, неточно или измислено, додава тој.
– Улогата на новинарите во утврдувањето на тоа што е информација, а што не, отсекогаш била противречна. Но, денес можеме јасно да ги видиме негативните последици од непостоењето на таа функција, предупредува тој.
Големите играчи на интернет, кој првично не сакаа да се нарекуваат медиуми, од неодамна увидоа како стојат работите. Тие се обидуваат што повеќе да ги сортираат информациите што им овозможува да пласираат информација повикувајќи се на „доверливи извори“, исто како и традиционалните медиуми.
– Сакале или не, технолошките компании како „Епл“, „Гугл“, „Снепчет“, „Твитер“ и пред се „Фејсбук“, преземаа поголем дел од функциите на медиумите, претворајќи се во клучни играчи во медиумскиот систем, наведе во март годинава Центарот „Тау“ во извештај посветен на дигиталното новинарство.
Лажните вести се брзи како молна
Неколку истражувања покажаа дека лажните вести често се посезационални од точните информации и се шират многу побрзо преку интернет, бидејќи социјалните мрежи ја имаат привилегијата на „виртуелноста“.
– Неточната политичка информација се шири побрзо и на поголемо подрачје, достигнувајќи до поголем аудиториум и е пополуларна од секоја друга категорија на информации, се наведува во истражување на Технолошкиот институт од Масечусетс (МИТ).
Истражувајќи 126 илјади гласини споделени од три милиони корисници на социјалните мрежи, истражувачите утврдија дека за да стигне до 1.500 лица, на вистината и е потребно шест пати повеќе време отколку на неточната информација.
Научници од Институтот „Оксфорд“ посочуваат дека во големиот број интернет платформи информациите се „поставени во хиерархија на сложени алгоритми програмирани да филтрираат и да споделуваат содржини на начин што максимално ќе ги ангажира корисниците“, односно ќе ги поттикнува да коментираат и да споделуваат информации.
Популарноста на одредена содржина не е поврзана со нејзината точност, тврдат истражувачите од Оксфорд.
– Токму затоа улогата на традиционалните медиуми е од решавачко значење. Токму поради тоа е опасно и штетно тоа што Трамп неаргументирано ги оквалификува традиционалните медиуми како лажни вести, смета Џон Хаксфорд.
Сепак има и позитивни показатели како зголемување на бројот на претплатници на електронските изданија на весници од типот на „Њујорк Тајмс“ и „Вашингтон Пост“. Но, многу ценети медиуми, кои се помали, имаат проблеми да се прилагодат на новиот модел.
Нова опасност за новинарите
Новинарите се соочуваат со нови ризици во услови кога се критикувани од политичарите, тогаш кога се обидуваат да ја отстранат невистината.
Во Бразил две организации специјализирани за проверка на фактите – „Лупа“ и „Аос Фатос“, кои воспоставија партнерство со „Фејсбук“, беа обвинети за политичка пристрасност.
Филипинската Влада му ја одзема лиценцата на сајтот „Рајплер“, кој ги поддржа напорите за проверка на веродостојноста на информациите што ги пласираше претседателот Родриго Дутерте.
Во САД медиумите опстојуваат благодарение на цврстите уставни гаранции, но некои новинари сметаат дека нападите на Трамп влијаат на начинот на кои публиката гледа во нив.
Која е цената на проверката на фактите
Во вакви услови цената на проверката на фактите расте. Постојат најмалку 149 такви иницијативи во 53 држави, оценува „Репортерската лабораторија“ на Универзитетот Дјук.
„Фејсбук“ воспостави партнерство со 25 медиуми во 14 држави за ограничување на ширењето на лажните вести.
Но, истражувањата покажуваат дека проверката на фактите е ограничена и дека има луѓе кои и натаму ќе веруваат во неточните информации, какви и напори да се прават за проверка на веродостојноста.
Кон крајот на 2016 година во САД многумина поверуваа на гласините дека постои мрежа од криумчари на деца, чии дел е и Хилари Клинтон, а дури 51 пороценти од гласачите на републиканците и натаму мислат дека Барак Обама е роден во Кенија, со што согласно Уставот, не би можел да биде американски претседател.
Истражување покажа дека две третини од возрасните Американци се жалат на хаосот што го предизвикуваат манипулативните информации, но 23 проценти од нив признаваат дека барем еднаш споделиле лажна информација, иако половината од нив биле свесни за тоа.
Франс 24 – Париз