Samsung Electronics денеска ја сече црвената лента по повод отворањето на најголемата фабрика за производство на мобилни телефони во светот. Таа е сместена во индискиот град Ноида, во близина на главниот град Делхи, и има капацитет да произведува 120 милиони мобилни телефони годишно.

Од Samsung велат дека новата фабрика ќе произведува евтини телефони за локалниот пазар кои ќе чинат помалку од 100 долари, но и флегшип модели како Galaxy S9.

Индија е огромен пазар за смартфони со преку 400 милиони корисници, но популацијата на земјата од преку 1,3 милијарди жители кажува дека таму и понатаму има неисполнет потенцијал. Во 2017 преку 124 милиони телефони беа увезени во Индија, па затоа од Samsung сметаат дека со отворањето на оваа фабрика ќе можат да „украдат“ дел од домашниот пазар.

Во последните неколку години Samsung беше надминат од страна на Xiaomi како најголемиот извезувач во Индија, но сега е јасно дека со отворањето на новата фабрика ќе им биде потешко на другите компании да се натпреваруваат.

Ова не е прв случај во кој телефонски гигант пробува да го преземе пазарот во Индија. Претходно таму беше отворена фабрика на Xiaomi, но и на Apple, чии телефони се познати по високите цени и нивната продажба на индискиот пазар оди многу побавно отколку во другите земји.

Индија отвара голем број можности за производителите на мобилни телефони, но сепак останува проблемот со чувствителните групи на корисници во оваа земја, кои преферираат цените на телефоните да се екстремно ниски.