Патувањето во вселената за петнаесетина години би требало да стане возможно и за оние кои не се многу богати, изјави во разговор за новинската агенција „Хина“ италијанскиот астронаут Паоло Несполи, кој е убеден дека вселенскиот туризам ќе го промени начинот на кој Земјаните гледаат на својата планета.
Паоло Несполи е астронаут на Европската вселенска агенција (ESA), кој трипати има летано до Меѓународната вселенска станица (ISS) и таму вкупно минал околу една година. Несполи со 61 година е најстариот активен астронаут на ESA.
Како и безброј деца ширум светот, Паоло исто така сакал да биде астронаут кога ќе порасне. Неговите детски фантазии од седумдесеттите години на минатиот век во италијанска провинција, илјадници километри далеку од какви било светски вселенски центри, тогаш се чинеле само како неостварливи соништа.
„Но, со напорна работа може да се остварат и најневеројатните сонови“, им порачал на младите Несполи, воен пилот и инженер за аеронаутика.
Физички најтежок, но психолошки најлесен дел од вселенските мисии во кои учествувал за Несполи било враќањето на Земјата.
„Кога ќе се вратите сте среќни зашто сте живи на сопствената планета и што мисијата е завршена. Убаво е да се работи во вселената, но тоа е многу тешко и стресно и можноста за грешки е голема“, смета тој.
Иако е можност која зависи од многу фактори, Несполи предвидува дека граѓаните од средната класа ќе имаат можност да патуваат во вселената за петнаесет или дваесет години.
„Тоа е како мобилните телефони. Се сеќавам на еден од првите мобилни телефони што го имав во астрономскиот центар во Германија, а разговорот чинеше 20 марки за минута. Тоа беше неверојатно и сите ние се прашувавме како луѓето ќе може да си дозволат да имаат толку скап уред. Неколку години потоа мобилните телефони беа практично насекаде“, изјавил италијанскиот астронаут за „Хина“.
Тој исто така додал дека посетата на вселената и погледот кон планетата Земја ги менува луѓето. Кога повеќе луѓе би имале шанса да ја посведочат таа глетка, сигурен сум дека ќе се промени начинот на кој човештвото размислува за својот единствен дом, додава тој.
„Кружејќи околу неа, сфатив дека Земјата е како вселенски брод, а луѓето на неа се морнари кои треба да работат заедно“, вели Несполи.
Тој укажува дека од вселената не се гледаат државни граници, но само нашата Земја опкружена со огромно црно пространство, поради кое човек за првпат може да почувствува силна поврзаност и припадност кон сопствената планета.
Прашан дали има нешто да каже за оние кои тврдат дека Земјата е рамна плоча, Несполи само замижал со очите.
„Не знам дури ни што да одговорам на тоа“, рекол тој.