Пред речиси 40 години се “роди” уредот кој го промени начинот на кој слушаме музика

Во сега веќе далечната 1979 година, компанијата Sony произведе уред кој овозможи слушање на музика по сопствен избор додека сте во движење. Станува збор за познатиот Walkman кој на 1. јули наполни 39 години.

До појавата на Walkman, луѓето можеа да слушаат музика во движење само преку мали преносни радио апарати.

Првиот Walkman имал два влеза за слушалки и копче за зголемување и намалување на звукот. Компанијата тогаш навела дека моделот има два влеза со цел поединците да не бидат непристојни затоа што сами слушаат музика.

Со појавата на овој уред настана и културата за користење на слушалки за слушање музика во движење, а со цел луѓето да не помислат дека станува збор за слушно помагало, Sony ангажирал млади луѓе да го промовираат новиот производ на улиците на Токио.

За креирањето на Вокмен, компанијата се одлучила од една многу интересна причина – тогашниот потпретседател на компанијата, Масару Ибука, барал уред со цел на мира да може да слуша опера во текот на деловните летови. Инженерите Нобутоши Кираха и Козо Осохне го осмислиле Вокменот, а инспирација за идејата црпеле од тогашните диктафони кои биле наменети за новинарите.

Walkman беше апсолутен хит помеѓу тинејџерите кон средината на осумдесеттите години и беше престиж да се поседува истиот. Со појавата на преносните CD плеери, а подоцна и MP3 уредите, неговата популарност опадна.

Sony во 2010 година престана да произведува верзија за аудио касети, но затоа се уште постои дигиталната верзија.