Норвешките власти за заштита на конкуренцијата го казнија најголемиот телекомуникациски оператор во земјата „Теленор“ со 788 милиони норвешки круни, односно 96 милиони американски долари. „Теленор“ е казнет поради злоупотреба на доминантната позиција на пазарот на мобилни телефони.
Генералниот директор на Агенцијата за заштита на конкуренцијата, Ларс Шоргард, вели дека „Теленор“ сериозно го прекршил законот за конкуренција кога создал пречки за развојот на третата мобилна мрежа во Норвешка.
Како што се наведува, „Теленор” вовеле промени во договорите за пристап до мрежи со цел да се ограничат понатамошните инвестиции во третата мобилна мрежа во Норвешка во 2010 година. Во прашање е најголемата казна што до сега ја издава агенцијата, со цел да се одрази на нарушување на норвешкиот закон за конкуренција.
Генералната директорка на „Теленор“, Берит Свендсен, тврди дека не прекршиле никакви закони и најави дека веројатно ќе поднесе жалба за тоа. Норвешки „Теленор“ во март годинава објави дека потпишал договор за продажба на своите бизниси во регионот на Централна и Источна Европа со ППФ групацијата за цена од 2.8 милијарди евра. Трансакцијата вклучува мобилни операции во Унгарија, Бугарија, Црна Гора и во Србија.