Кинеската компанија Oppo во Париз го претстави моделот Find X и благодарение на The Verge ги добиваме сите основни информации за уредот. 

Уредот нема „исечен“ екран на врвот (notch) и соодносот помеѓу екранот и телото е 92,25%. Најинтересен дел од Find X е дизајнот на камерата. Камерата е скриена кога апликацијата за фотографирање е затворена. „Поп-ап“ делот содржи 25-мегапикселна предна камера, 3D скенер за лице и систем од задни камери со два сензори – 16 MP и 20 MP. Кинеската компанија вели дека камерата излегува доста брзо – само за половина секунда.

Find X не е првиот паметен телефон со ваква опција. Минатата недела, Vivo го објави својот предводник Nex, кој исто така е со „поп-ап“ камера. Сепак, уредот на Oppo е единствен, бидејќи во делот кој излегува, покрај предната се наоѓаат и задните камери.

Кинескиот предводник нема скенер за отпечатоци од прсти ниту на грбот, ниту е вграден во самиот екран, како што е случајот со Nex. За да го отклучите телефонот, можете да се потпрете на системот за 3D скенирање на лице, кој е сместен во предната камера.

На хардверски план, ќе најдеме работи кои се карактеристични за секој годинашен предводник. Смартфонот работи на чипсетот Snapdragon 845, кој е комбиниран со 8GB RAM и до 256GB меморија за фајлови. Батеријата е со капацитет 3730mAh и поддржува технологија за брзо полнење VOOC.

Меѓу другите детали се оперативниот систем Android 8.1 со интерфејс Color OS, можности за две СИМ картички и глобална LTE подршка, што е важно, бидејќи тоа ќе биде првиот телефон на Oppo, кој ќе се продава во Северна Америка и Европа.

Продажбите на телефонот во Кина почнуваат денеска, а наскоро би требало да дознаеме повеќе детали околу понудата на телефонот на другите пазари.

Извор: The Verge