Иако не се знае точно на што мисли, објавата на Елон Маск на Twitter претставува уште еден чекор поблиску до потполна автономија на возилата на Tesla.
По неколку несреќи во кои учествуваа автомобилите на Tesla со активираната опција автопилот, довербата на јавноста во оваа компанија, односно нивната технологија за асистирање во возењето многу се намали, бидејќи софтверот се покажа недоволно сигурен, во некои ситуации дури и опасен.
Иако екипата од Tesla веќе долго предупредува дека возачите никогаш не смеат да му препуштат на компјутерот целосна контрола над возилото и рацете секогаш мораат да бидат на воланот, некои организации за заштита на правата на потрошувачите ги критикуваат поради мамење на корисниците, бидејќи користењето на името автопилот сугерира дека навистина се работи за софтвер кој автоматски и автономно ќе управува со возилото.
Поради критики на сметка на автопилотот, но и проблемот со Model 3, Елон Маск во последно време преку Twitter војува со медиумите, а дури и најави покренување на интернет страница за оценување на медиумите и новинарите.
Пристигнуваат опции за целосно автономно возење
Шефот на Tesla вчера на Twitter напиша една многу интересна објава – најави надградба на автопилотот за автомобилите на Tesla, која сопствениците на овие електрични возила можат да ја очекуваат во текот на август и која ќе овозможи опции за целосно автономно возење. Повеќе детали за овој софтвер не објави, па засега ни останува само да нагаѓаме за тоа што мислел и какви ќе бидат новите опции на автопилотот кои ќе овозможат автономно возење.
Медиумите се согласуваат дека тоа не значи дека со надградбата на софтверот, компјутерите на Tesla ќе можат да ја преземат контролата над возилото, додека возачите ќе можат да одмораат и дека и натаму ќе мораат да ги држат рацете на воланот и да се концентрираат на сообраќајот за да можат да реагираат во случај на непредвидени околности.
That issue is better in latest Autopilot software rolling out now & fully fixed in August update as part of our long-awaited Tesla Version 9. To date, Autopilot resources have rightly focused entirely on safety. With V9, we will begin to enable full self-driving features.
— Elon Musk (@elonmusk) June 10, 2018