Компанијата Lenovo во Пекинг го претстави долгонајавуваниот паметен телефон Z5.
Lenovo во изминатите неколку недели со тизери го најавуваше Z5, а барем на еден од нив се чинеше дека овој уред ќе има екран кој ќе ја зазема целата предна страна. Сепак, на претставувањето на смартфонот се покажа дека Z5 има екран со “notch” (засек) во дисплејот, што многумина разочара.
Z5 доби 6,2-инчен екран со формат 19:9 и резолуција 1080p со рамки, за кои од Lenovo тврдат дека се потенки од оние кои ги имаат Xiaomi Mi 8 и iPhone X, како и засек што е потесен во однос на ривалите. Но, смартфонот сепак го има овој заб како и практично сите годинашни модели со Android. Сепак, од компанијата наведуваат дека екранот зазема 90 проценти од предната страна на телефонот.
Што се однесува до останатите спецификации, Z5 доби осмојадрен Qualcomm процесор и две камери од 16 мегапиксели на задната страна, а го напојува батерија од 3.300 mAh.
Моделот со 6 GB RAM и 64 GB интерна меморија чини околу 200 долари, додека за моделот со 6 GB RAM и 128 GB меморија потребно е да се издвојат 280 долари. Продажбата во Кина почнува на 12. јуни, односно на денот кога компанијата Vivo ќе го претстави својот нов смартфон инспириран од прототипот Apex.
Се уште не е познато дали и кога Lenovo Z5 ќе се појави на останатите пазари.