Компанијата HMD Global која ги има правата врз брендот Nokia, објави нови верзии на нејзините први модели Nokia 3 и Nokia 5, кои ги имаат имињата Nokia 3.1 и Nokia 5.1. Објавен е и новиот модел Nokia 2.1. Моделите Nokia 5.1 и 3.1 се дел од Android One програмата па за нив ќе бидат обезбедени софтверски надградби во следните две години и безбедносни надградби во следните три години. Трите модели ќе ја добијат следната верзија на Android, која засега го носи името Android P.

Моделот Nokia 5.1 има екран со дијагонала од 5.5 инчи и резолуција од 2160 на 1080 пиксели сместени во LCD екран. Телефонот наместо досегашниот Qualcomm процесор, ќе користи MediaTek MT6755S процесор, ќе има камера на задната страна со резолуција од 16 мегапиксели и камера на предната страна од 8 мегапиксели. Телефонот ќе има приклучок за слушалки, MicroUSB порт, батерија со капацитет од 2970mAh и сензор за отпечатоци на прсти сместен на задната страна. Ќе има варијанта со 2GB работна меморија и 16GB внатрешна меморија, како и варијанта со 3GB работна меморија и 32GB внатрешна меморија.

 

Моделот Nokia 3.1 ќе користи MediaTek MT6750 процесор со 8 јадра, екран со дијагонала од 5.2 инчи, NFC чип, камера со сензор од 13 мегапиксели, а во однос на меморијата, ќе постојат истите варијанти како и кај 5.1. Најслабиот од моделите, Nokia 2.1 ќе има екран со дијагонала од 5.5 инчи, но послаба резолуција од 720 пиксели, задна камера од 8 мегапиксели, предна камера од 5 мегапиксели, но само 1GB работна меморија и 8GB внатрешна меморија.

Според објавените цени, моделот Nokia 5.1 ќе чини 189 евра (219 евра за верзијата со 3GB RAM и 32GB внатрешна меморија), Nokia 3.1 ќе чини 139 евра (169 евра за посилната верзија), а Nokia 2.1 ќе лини 115 евра. Nokia 3.1 ќе се појави на пазарот веќе во јуни, додека другите модели ќе бидат достапни од јули.