Асоцијацијата за е-трговија на Македонија објави податоци кои откриваат колку од Македонците купуваат онлајн
Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТМ) објави дека подготвува сеопфатна анализа за е-трговијата во Македонија која ќе даде информации за навиките на македонските потрошувачи при купувањето онлајн, користењето на интернетот од страна на компаниите и од страна на потрошувачите, како и е-трговијата во Македонија споредена со е-трговијата во европските земји.
Пред објавување на целосната анализа, АЕТМ деновиве објави некои податоци кои откриваат колку од Македонците купуваат онлајн, што најмногу купуваат, колку во просек изнесуваат трансакциите итн.
Анализата покажала дека најголемиот дел од Македонците преферираат да купуваат со кеш со оглед на фактот дека од вкупните направени трансакции на домашни уреди во 2017 година, 69% се повлекување пари од банкомат. Што се однесува пак до купувањето онлајн, за сега само 20% од населението со пристап до интернет купило онлајн во 2017 година, што Македонија ја става на претпоследното место (пред Црна Гора) споредбено со останатите европски земји.
Просечната вредност на нарачките направени со картички на онлајн продажни места во Македонија 2016 година е 1.557 денари за физички лица и 1.789 денари за правни лица. Оваа вредност за 2017 година е 1.538 за физички лица и 2.271 за правни лица што претставува намалување за 0.01% кај физичките лица и зголемување за 0.27% кај правните лица.
Од друга страна, просечната вредност на нарачките направена од домашни картички во странство за физички лица за 2016 година изнесува 27.22 евра, додека за правни лица оваа сума е 129.3 евра. За 2017 година, просечната сума за физички лица изнесува 25.85 евра, додека за правни лица изнесува 130.1 евро. Најголем број од трансакциите Македонците ги направиле во Обединето Кралство, Луксембург, Унгарија, САД и Ирска.
Што купуваат Македонците?
Македонците покажале дека најмногу сакаат да купуваат онлајн во одредени месеци како февруари, март, септември и ноември, со фреквенција од еднаш до два пати во три месеци, со вкупна вредност на нарачката до 50 евра. Од Македонците кои купувале во странство во последните 12 години, најмногу, односно 63% купиле електроника, облека и играчки.
Од оние кои купиле или нарачале онлајн најмалку купувале од домашни продавачи, односно само 31% и има тренд на опаѓање споредбено со 2010 година, кога 51% од онлајн нарачките биле направени кај домашни компании. Од друга страна, во земји како Турција, Полска, Германија 90% од онлајн продажбите се направени од домашни купувачи.
Од досегашните податоци, АЕТМ заклучила дека Македонците најмалку купувале материјали за е-учење, софтвер за видео игри и друг компјутерски софтвер, филмови или музика, храна и производи за секојдневна употреба, а најмногу купувале облека и спортска опрема, електронска опрема и камери.