Galaxy Note 9 ќе пристигне без сензор за отисоци вграден во екранот

Откако Samsung во февруари ги претстави Galaxy S9 и S9+, јужнокорејската компанија се подготвува за премиера на новиот премиум уред од серијата Note.

Иако официјално се уште ништо не е познато, оваа недела на интернет се појавија гласини во врска со опциите кои би требало да ги има новата генерација на најпознатиот светски фаблет.

Во однос на претходната, новата Note генерација ќе има идентичен 6,3 инчен екран, а не треба да се очeкуваат некакви радикални промени во врска со дизајнот на овој уред.

Хардверски, Note9 би требало да ги има класичните опции на последните најдобри паметни телефони – процесор Snapdragon 845 и 6GB RAM, додека уредот ќе се испорачува со верзијата Android 8.1 Oreo која речиси со сигурност подоцна ќе може да се надогради со следната верзија Android P.

Капацитетот на батеријата би требало да изнесува 3850mAh, и ќе поддржува брзо и бежично полнење, а од останатите опции би требало да се спомене двојната камера, како и кај моделот S9, подобрена предна камера за селфи и уште подобар S-Pen.

Исто така, Note9 ќе има поддршка за новата генерација на гласовниот асистент на Samsung – Bixby, a во продажба ќе се појави и верзија на овој уред со два влезови за SIM картички.

Една од опциите за која и претходно се зборуваше, но која сепак нема да се појави во новиот Note е сензорот за отисоци на прсти интегриран во екранот на телефонот. Оваа технологија е веќе претставена во некои модели на паметни телефони и се споменуваше дека Samsung би можел да ја имплементира во следниот Note, но се чини дека, барем оваа година, тоа нема да се случи.

Како и минатата година, претставувањето на новиот Note се очекува кон крајот на август, пред почетокот на IFA конференцијата во Берлин.

Извор: B92.net