Поради нова пукнатина која се појави вчера на вулканот Килауеа, од која избиваат гасови и лава, официјалните лица наредија нови евакуации од најголемиот хавајски остров.
Хавајската опкружна служба за цивилна одбрана соопшти дека вкупниот број на уништени згради се зголемил на 40. На граѓаните од ова подрачје им е речено да се евакуираат, а на располагање им се два општински центра.
Во последните 10 дена околу 2.000 луѓе се евакуирани, пренесе AP. Официјалните лица за цивилна одбрана ги повикаа жителите во близина на вулканот да бидат внимателни, подготвени за евакуација во краток рок.
“Им препорачуваме на луѓето да се подготват за најлошото. Би требало да имаат план A, план B и план C”, рече еден од државните функционери, Роан Окомура, кој помага во едно од засолништата за евакуирани, пренесува Ројтерс.
Евакуациите почнаа минатата недела, а гувернерот на Хаваи предупреди дека постои можност за евакуација од поголеми размери ако се отворат уште пукнатини, но истакна дека масовната евакуација би била надвор од локалните и државни капацитети.
Како што езерото од лава на врвот Килауеа се повлекува во вулканот, таа се разлева под земја, поради што научниците предупредуваат дека би можела да избие на површина и на сите им се заканува опасност во воздухот да се појави огромно количество отровни материи кои можат да предизвикаат гушење и труење на луѓе.