Компанијата „Сеавус“ по третпат ја најавува конференцијата посветена на иновации и технологија Next Generation. Настанот ќе се одржи в сабота, 12 мај, со почеток од 10 часот во просторите на„ Мала станица“.

На првата конференција, пред три години, фокусот беше на новитетите во мрежните технологии и телекомуникацискиот сектор. Лани второто издание беше посветено на сите футуристи, иноватори и стартапи во Македонија. Годинава конференцијата ќе биде посветена на кодирањето: Keen on Code, односно на сите кои имаат интерес за технологија. Конференцијата ќе тече паралелно на 3 сцени: една посветена на .NET, DB и QA, втора на Java и FrontEnd и трета на технолошки трендови.

Презентациите ќе бидат интерактивни, така што сите присутни ќе имаат можност во времетраење од 6 часа, на 3 сцени да слушнаат 17 говорници кои неуморно ќе го споделуваат своето знаење.

Најголем дел од предавачите се експерти од „Сеавус“, меѓу кои Никола Живков, Technology Line Manager за Java на ниво на Сеавус групација, Игор Лазаревски – Technology Line Manager за .Net на ниво на Сеавус групација, Благој Ќупев, менаџер на ембедед дивизијата, Мирослав Стојманов, софтвер архитект, банкарска дивизија, Ѓоре Захарчев, QA координатор на ниво на Сеавус групација, Дејан Здравковски и Александар Божиновски, Technical Leads во Microsoft дивизија, Благој Костовски, сениор девелопер, Microsoft дивизија, Александар Размовски, сениор бизнис-аналитичар, Social Analytics дивизија. Од Oracle дивизијата ќе презентираат Ираклид Спиро, сениор девелопер, Марко Илиќ, Principal Developer, Иван Ѓорѓевиќ, интермедиејт девелопер, Дражен Николиќ, Technical Lead. Потоа, Танер Селим, извршен директор на SnowBall и Гоце Дојчиновски, систем-инженер во Cisco Systems.

Сите информации за презентерите и нивните теми може да ги најдете на официјалниот сајт на конференцијата, на кој може и да се регистрирате. Учеството на настанот е бесплатно.