Ако се оди според планот, SpaceX би го презел превезувањето на луѓето во вселената од Русите, но пред тоа да се случи, компанијата на Eлон Маск треба да добие дозвола од НАСА.

Откако НАСА повеќе не е главниот „превозник“ на астронаути на Меѓународната вселенска станица, туку таа работа ја вршат Русите, трае трката на повеќе компании за тоа кој ќе понуди нов, поевтин и побезбеден начин за патување во вселената.

Една од компаниите која што би можела да биде на чекор до остварување на таа цел е SpaceX на Елон Маск.

Откако SpaceX успешно лансираше автомобил во вселената, сега американската компанија развива капсула која што би можела да се користи за превоз на астронаути на Меѓународната вселенска станица и која што, како и останатите ракети на SpaceX, би можела да биде употребена повеќе пати.

Од SpaceX планираат капсулата Dragon да ја постават на врвот на својата ракета Falcon 9 и така да ја лансираат во вселената.

Сепак, ракетите Falcon на SpaceX користат нешто поинаков и поопасен систем на вбризгување на гориво од останатите „класични“ ракети, што значи дека доволна е и најмала искра за ракетата да експлодира. Ако во тој момент, на врвот на ракетата се наоѓа капсулата со астронаути, нивните шанси за преживување ќе бидат минимални.

Доколку Маск сака да го превземе приматот за превоз на астронаути на Меѓународната вселенска станица, ќе мора да ја увери НАСА дека ракетата Falcon 9 е доволно безбедна за превоз на луѓе. Не само еднаш, туку секој пат.