NASA ја истрела сондата InSight за детално истражување на Марс, објавија светските новински агенции.

Сондата InSight беше лансирана на ракетата Аtlas 5, висока колку 19-катна зграда, малку по 4 часот по локално време. 90 минути подоцна, „товарот“ беше пуштен и го започна 484 милиони километри долгото патување, што треба да трае пола година.

Главниот инструмент на InSight е француски сеизмометар кој треба да ги открие дури и најслабите потреси на тлото. Ќе биде поставен на површината со посебна „рака“ и е толку чувствителен што може да сними сеизмички бран со размер од само 50% од радиусот на водороден атом.

Мисијата има буџет од 1 милијарда долари. Таа вклучува научници и од Франција, Германија и други европски земји.

Претходните мисии на NASA ја истражуваа површината на Црвената планета, додека новата сака да погледне под нејзината површина и да одговори на прашањето како се формирани различните форми на планетата.

Освен InSight, која беше главната цел на лансирањето, во вселената беа изведени и два мали сателити – секој од нив со големина на кутија за чевли. CubeSats се стандардни мали сателити кои најчесто се користат за собирање на различни податоци од вселената. Повеќето од нив се позиционираат во ниската земјина орбита, но овие два преземат кон длабокиот Космос и ќе ја следат сондата за време на целото нејзино патување.

Кога InSight ќе слета на Марс во ноември, тие ќе ја помогаат комуникацијата со Земјата. Важно е да се напомене дека тие не се од суштинска важност за мисијата, туку од NASA сакаат да проверат дали овие мали уреди можат да се справат со таква задача.