Малку сол, малку вода, ја ставате електродата и добивате електрична енергија. Дали е тоа формулата за иднината?
Научниците веќе со години работат на батерија која што би имала голем капацитет, долг животен век, брзо ќе се полни и бавно ќе се празни. И секако, таквата батерија треба да биде што е можно со помали димензии.
Група на научници од „Стенфорд“ објавија дека успале да развијат батерија која што би била еколошки најприфатлива затоа што се темели на вода, а воедно може да се наполни од обновливи извори како што се ветерот или сонцето. Покрај тоа, во споредба со останатите батерии, би била и поевтина.
Во својата научна работа тие објавиле дека направиле прототип на батерија која што е висока 8 сантиметри и може да произведе 20 миливат-часови енергија.
Иако тоа моментално не е доволно ниту за напојување на рачен часовник, научниците се уверени дека може да направат батерија која што би ги задоволувала секојдневните потреби и би можела да издржи до 10 илјади циклуси на полнење.
„Ставивме посебна сол во вода, ја ставивме електродата и создадовме хемиска реакција која што на крајот произведува електрична енергија“, изјави Ји Чуи, професор на Универзитетот „Стенфорд“.
Овој тип на батерија би бил до пет пати поевтин од останатите батерии кои што постојат на пазарот. Сепак, за да може да се разговара за еколошки прифатливи батерии, тимот на научници од „Стенфорд“ најпрвин ќе мора да направи таква батерија со многу поголем капацитет.
Поврзани артикли