Пластични шишиња, кеси, капачиња, најлони ќе бидат „живиот“ свет на океаните во иднината, а децата ќе одат во аквариуми во кои наместо риби, одблизу ќе ги гледаат кесите со кои нивните родители пазарувале во локалните маркети и во трговските центри.
Тоа е пораката од новата кампања на светската еколошка организација „Гринпис“ којашто укажува на енормната застапеност на пластиката во малопродажбата. Организацијата апелира трговците да го редуцираат користењето на пластичната амбалажа за пакување на нивните производи.
Според податоците на организацијата, повеќе од 800.000 тони пластика годишно се генерираат само од супермаркетите во Велика Британија. На светско ниво, пак, секоја минута цел шлепер со пластика се истовара во океаните.
Во видеото од кампањата се прикажани деца, на коишто им е кажано дека одат во аквариум. Тие се радуваат што ќе можат во живо да видат октоподи, шарени риби, сабјарки, ајкули, китови… Но, наместо морски свет, во водата гледаат мртвило од пластика.
Разочарувањето кај децата е огромно. Тие самите на крај велат дека во морињата и океаните треба да пливаат милиони риби, и ниту едно кесе или пластично шише.
„Гринпис“ преку оваа кампања ги повикува потрошувачите самите да покренат иницијатива и со петиција да бараат од нивните локални и регионални трговци и маркети да користат што помалку пластика во продажбата.
Зад реализацијата на општествено-одговорната видео-кампања стои агенцијата „Ogilvy & Mather“ од Лондон.