После месеци на шпекулации, и официјално операторите T-Mobile USA и Sprint ќе се спојат во една компанија. Одборите на двете компании ги заокружија последните детали на ова масовно здружување во компанија која ќе има вкупна вредност од дури 146 милијарди долари. Главниот извршен директор на T-Mobile USA, John Legere преку Twitter објави за соединувањето на двете компании. Deutsche Telekom кој е сопственик на две третини од T-Mobile USA, ќе ја има контролата врз новоформираната фирма.

Актуелниот извршен директор на T-Mobile USA ќе ја има истата позиција и во новофирмираната компанија, која ќе го задржи името T-Mobile USA. Дирекциите на компанијата ќе се наоѓаат во Bellvue (Вашингтон) и Overland Park (Канзас). Двата досегашни оператори ги имаат третата и четвртата позиција на американскиот пазар, па ќе бидат под сериозен надзор од страна на регулаторите за контрола на конкурентноста во САД. Новиот оператор ќе има околу 127 милиони претплатници и сериозно ќе се натпреваруваат со прворангираниот Verizon и второрангираниот AT&T. Во сопственоста Deutsche Telekom ќе учествува со 42% од акциите, SoftBank со 27% од акциите, а остатокот од 31% е во сопственост на приватни лица.