Philips го пласира на пазарот првиот монитор во светот, кој има сертификација DisplayHDR 1.000 и има 1.000 нити осветленост – или едно од основните барања за прикажување на вистински HDR. 43-инчниот 4К дисплеј со Ambilight го носи името Philips Momentum 436M6 и ќе се појави на пазарот во јуни по цена од 999,99 долари.
VESA (Video Electronics Standards Association) го создаде специјалниот сертификат DisplayHDR во декември минатата година, за да може конечно да се утврди унифициран, конзистентен, отворен стандард за HDR претставувањето на LCD дисплеи. Посебно за компјутерските монитори.
Сертификатот има три нивоа: најнизок е DisplayHDR 400 (400 нити најголема осветленост), просечната – DisplayHDR 600 (600 нити осветленост), а највисокиот е DisplayHDR1000 (1.000 нити осветленост).
Во последниве месеци неколку PC монитори добија сертификати за пониско ниво, но моделот на Philips е првиот кој освои највисоко признание за своите карактеристики. Тоа не значи дека ќе работи постојано на максимална осветленост.
Во нормална употреба, можете да очекувате околу 720 нити, кои се многу повеќе од капацитетот на други монитори од високата класа.