Тајванската компанија Asus претстави нов смартфон од средниот сегмент, чија цел е да се спротивстави на Samsung и на уредите на многубројните кинески ривали, меѓу кои посебно се истакнува Redmi Note 5 Pro на Xiaomi.

Се работи за ZenFone Max Pro M1, кој има многу сличности со горенаведениот модел на Xiaomi, а неговите карактеристики доволно говорат за тоа.

Новиот ZenFone има LCD екран со 6-инчна дијагонала со резолуција од 2.160 х 1080 пиксели, работи со помош на Snapdragon 636 процесор и има опција за препознавање на лица. Но, Asus не остана на имитирање на моделот на Xiaomi, туку се потруди да направи неколку измени кои ќе му дадат предност пред ривалскиот уред.

Една од предностите на ZenFone Max Pro M1 е супермоќната батерија од 5.000 mAh, која има невообичаено голем капацитет како за телефон од средниот сегмент. Исто така, ZenFone има посветол екран и контраст на пикселите, а овој телефон ја доби најновата верзија на оперативниот систем Android – 8.1 Oreo.

Што се однесува до камерата, и двата смартфони се изедначени. Двата модели имаат задни камери од 15 и 8 мегапиксели. Сепак, разликата е во тоа што задната камера на ZenFone има нешто подобра резолуција, но затоа пак моделот на Xiaomi има подобра предна камера од 20 мегапиксели, споредено со камерата на моделот на Asus, чија камера има 8 мегапиксели.

Redmi Note 5 Pro има 4 GB RAM и 64 GB внатрешна меморија и се продава за 210 долари, додека ZenFone има 3 GB RAM и 32 GB внатрешна меморија и ќе има помала цена од 165 долари. Asus ќе понуди на пазарот и верзија со 4 GB RAM и 64 GB меморија, кој ќе се продава по цена од 195 долари.

ZenFone Max Pro M1 е примарно наменет за индискиот пазар, а од Asus велат дека телефонот бил произведен на основа на резултатите од истражувањето во кое учествувале 2.000 Индијци.

Извор: B92.net