Откако е измислен автомобилот како концепт, регистарските таблички многу не се променети. Но, во последните неколку години често се зборуваше за дигитални регистарски таблички, и тие конечно ќе бидат тестирани во Дубаи.
Наредниот месец во Дубаи ќе почнат тестирањата на „паметните таблички“.
Од Одделот за патишта и транспорт на Дубаи сметаат дека дигиталните регистарски таблички ќе овозможат побрза интервенција во случај на сообраќајна несреќа или во ситуација каде автомобилот е украден. Услугите од типот на годишна регистрација, наплата за патарина и казни за паркинг ќе бидат наплаќани на сметката на сопственикот на возилото, благодарение на „паметните таблички“.
Поради вградениот GPS уред во табличките, постојат легитимни прашања за приватноста на корисниците. Броевите на регистарската табличка ќе се менуваат автоматски од Одделот за патишта и транспорт, па затоа постои можност податоците да бидат хакирани и злоупотребени. Според BBC, вистински проблем претставува и песокот, кој се наоѓа насекаде по улиците во Дубаи и може да биде тежок предизвик за технологијата.
Сојузната држава Калифорнија ја направи употребата на дигитални регистарски таблички законска уште во 2013 година, а веќе од почетокот на оваа година тие почнаа да се користат кај новите автомобили.