Фејсбук денеска преку нотификации на нивниот профил ќе ги информира корисниците засегнати од скандалот со Кембриџ Аналитика.
Околу 87 милиони корисници ширум светот, повеќето во Соединетите Американски Држави, а 2,7 милиони во ЕУ, биле жртви на нелегалното споделување на нивните лични податоци со фирмата Кембриџ Аналитика за политички цели, изјави Фејсбук. Информацијата ја обелодени свиркач и поранешен вработен на Кембриџ Аналитика, а беше потврдена од страна на Фејсбук.
Корисниците чии лични податоци биле искористени се оние кои ја симнале апликацијата “thisisyourdigitalife“, но креаторите на оваа апликација преку нејзе имале пристап и до податоците на мрежата пријатели на оние кои ја користеле апликацијата. Па, така во Белгија комисијата за заштита на лични податоци информираше дека преку 8-те Белгијци кои ја симнале апликацијата, Кембриџ Аналитика успеал да собере лични податоци на над 60.000 Белгијци. Слична е пропорцијата во другите земја на ЕУ.
Европските комисии за заштита на лични податоци треба на 10 април да се состанат во Брисел и да го координираат одговорот на овој скандал.
Свиркачот Кристофер Вајли сведочеше пред британскиот парламент и изјави дека е веројатно Кембриџ Аналитика да влијаела врз исходот од референдумот за Брегзит во 2016 преку информациите кои ги собрала преку својата апликација на Фејсбук.
Европските институции се под притисок по обелоденувањето на овие информации, со оглед на тоа дека во 2019-та треба да се одржат новите европски избори. Европската Комисија испрати писмо до раководството на Фејсбук, кое одговори е дека подготвено да соработува на високо ниво.
Дел од европарламентарците бараат раководството на Фејсбук да сведочи пред европските народни избраници.