Производителот на електрични автомобили Tesla соопшти дека возилото кое доживеа фаталната несреќа во Калифорнија, било вклучено на автоматски режим, што пак од друга страна, подигна дополнителни прашања за безбедноста на технологијата на авто-возењето, објави Би-Би-Си.
Еден од моделите X на компанијата, минатата недела се удри во бетонска бариера на патот и се запали. Од Tesla велат дека 38-годишниот возач, кој починал кратко по ударот, брзо пред несреќата, го активирал автопилотот. Но не објаснија дали системот ја детектирал конкретната бариера.
Автоматскиот системот на Tesla може да сопира, забрзува и управува самостојно под одредени услови, но е класифициран како систем за помош на возачот, не е наменет да работи самостојно, поради што, возачот треба да има постојано раце на воланот.
Во 2016 година, возач на возило на Tesla загина на Флорида, кога неговиот автомобил не успеа да забележи камион кој го преминал патот.
Тоа ја навело компанијата да воведе нови безбедносни мерки, како што е исклучувањето на автопилотот и доведување на автомобилот до прекин, доколку возачот долго време не ги ставил рацете на воланот.
Несреќата во Калифорнија се случува во многу тешки моменти за автопилотската технологија. Претходно овој месец, на Uber му беше забрането да ги продолжи тестирањата за автопилотско возење во сојузната американска држава Аризона.