Само 19,5 отсто од интернет корисниците во Македонија направиле онлајн нарачка во последните 12 месеци, според податоците на Државниот завод за статистика и Еуростат. Дури 59 отсто од нив никогаш не нарачале нешто онлајн, а 18 отсто одговориле дека тоа не го сториле бидејќи немаат потребни вештини.
Овие податоци ги објави новоформираната Асоцијација за е-трговија на Македонија, која подготвува сеопфатна анализа за е-трговијата во Македонија.
Нина Ангеловска, претседател на Асоцијацијата и коосоновач на Групер, истакна дека причината за малиот број онлајн купувања во земјава е поради тоа што граѓаните немаат доволно дигитални вештини и поради малиот број онлајн компании на пазарот. Во 2017 година активни биле само 578 веб-страни за онлајн трговија од нив најмногу се занимаваат со малопродажба, со услужни дејности и туризам.
– Ни треба поголема понуда. Да се понуди подобра причина, да се даде поттик зошто граѓаните да се впуштат во онлајн купување. Мора да работиме и на едукација и на подигнување на свеста на населението од сите аспекти меѓутоа населението и да е едуцирано и да е свесно ако нема од каде да купи и нема понуда, ќе има само пораст на трансакциите кон странство, а не и кон дома. Со некои членки работиме и на предизвиците како да стимулираме извоз, рече Ангеловска.
Наспроти овие бројки, 74 отсто од населението во Македонија користи интернет, а македонските граѓани имаат 1,8 милиони издадени платежни картички или 0.9 по глава на жител. Во земјите од ЕУ просекот е 1.5 отсто. Пет од вкупно 14 банки нудат можност за е-трговија преку три различни платежни процесори. Според Ангеловска, 67 отсто од вкупниот промет со картички, македонските граѓани го прават за подигнување готовина.
– Само три отсто се онлајн трансакции. Вредноста во е-трговијата, според НБРМ, изнесува 105 милијарди евра во 2017 година, што претставува 21 отсто пораст во споредба со 2016 година. Од овие 105 милиони евра, 71 отсто се кон странските е-трговци. Тоа значи 31,9 милиони евра кон македонските е-трговци, рече Ангелоска.
На странските онлајн продавници македонските граѓани најчесто купувале електроника, облека и играчки.
Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчески, го поздрави формирањето на Асоцијацијата посочувајќи дека 85 отсто од целата трговија што се одвива онлајн е од граѓаните кон бизнисите, но не и кон институциите. Манчевски вели дека освен што треба да се зголеми свеста за е-трговијата, граѓаните ќе бидат обучувани електронски да ги користат и услугите на институциите. Владата работи на покревање на дигиталната писменост на граѓаните и мора да се работи на зголемување на пенетрацијата на широкопојасниот интернет во руралните средини.
– Владата веќе кон крајот на оваа година и формално ќе го пушти во употреба и регистерот на население, финансиран од ЕУ, а кон средината на оваа година во употреба ќе биде пуштен и новиот национален портал за електронски услуги. Порталот ќе претставува една единствена точка за контакт помеѓу граѓаните и институциите на електронски начин, и ќе обезбеди поевтини услуги рече Манчевски.
Во однос на онлајн трговијата и безбедноста на информациите и на плаќањето, министерот информираше дека во изработка е прва стратегија за сајбер безбедност во Македонија.
Според гувернерот Димитар Богов Народната банка на Македонија е многу заинтересирана за дигитализација на нашата економија и да бориме за поголема е-трговија.
– Имаме добра интеренет пенетрација, бројот на картички е солиден, но очигледно тоа не е доволно. Од вкупниот број граѓани кои имаат картички само 20 отсто користат интернет банкарство. Само осум отсто на лица со банкарски сметки имаат опција за интернет банкарство за вршење трансакции, што е многу ниско. Треба да се работи на зголемување на овој процент, што значи инвестирање во инфраструктурата на банките и од аспект на безбедноста, која зазема се позначајно место. Денес сајбер ризикот кај банките веќе избива на прво место, рече Богов.
Поврзани артикли