Компанијата Facebook објави дека ќе ги промени поставките за приватност за да им овозможи поголема контрола на потрошувачите околу нивните лични податоци на социјалнaта мрежа.

„Слушнавме многу јасно дека поставките за приватност и другите важни алатки тешко може да се најдат и ние треба да сториме повеќе. Ќе преземеме понатамошни чекори во наредните недели за да им овозможиме на корисниците поголема контрола врз безбедноста на нивните лични податоци“, соопштија од Facebook.

Од Facebook посочија дека во наредните неколку седмици ќе воведат нови промени, односно деталнo ќе ја прегледуваат секоја нова апликација и ќе ги отстрануваат оние со било какви сомнителни активности.

За потсетување, Facebook се соочува со голем број на проблеми, откако во јавноста се појавија информациии дека биле злоупотребени личните податоци на околу 50 милиони корисници на оваа социјална мрежа.

Основачот на Facebook, Марк Цукерберг, ги призна големите пропусти, кои ја доведоа најпопуларната мрежа под истраги во САД и Велика Британија.