Светската куќа на фудбалот викендов и официјално се огласи (позитивно) по прашањето за користење на ВАР технологијата за време на престојното светско првенство во Русија. Многумина, кои се добро упатени во овој новитет на светските фудбалски терени, се уште скептично гледаат на подготвеноста на ФИФА, но и на инфаструктурата која треба да ја поддржи видео-контролата на фудбалските натпревари. Причини има неколку, но две особено се издвојуваат и пред кои е испречен еден голем знак прашалник пред почетокот на Мундијалот.
Првиот човек на ФИФА, Џани Инфантино, од последниот состанок на светските фудбалски владетели во Богота, потврди дека едногллсната одлука на комисијата при ФИФА која уште пред еден месец беше „ЗА“ примена на ВАР технологијата на светското првенство во Русија е потврдена и од Бордот на најмоќната спортска институција на планетава. Советот на ФИФА го одобри проектот, кој рака на срце, се уште не исполнува доволно структурални и физички капацитети да одговори на еден таков настан каков што е СП. Тоа, сепак, не значи дека ФИФА нема да се потруди до јуни да ги обезбеди потребните услови за непречено функционирање на видео-технологијата, но дали ќе успее навреме да оформи доволен кадар кој ќе работи на асистенција на судиите на Мундијалот, тоа веќе е отворено и сериозно прашање.
Ако се прашувате како треба да функционира практичната имплементација на ВАР технологијата, неколку работи треба да ви бидат познати. Колумбискиот судија, официјален претставник на домаќините на последната сесија на ФИФА во Богота, Оскар Руиз, ја отвори темата со потребата за техничка поддршка на ВАР системот. Она што Германците го изградија како ВАР база во Келн, треба да се направи и во Русија (веројатно во Москва), но дали не е предоцна за изградба на ваков центар од нула на неполни 3 месеци до СП? Од ФИФА веднаш одговорија на оваа дилема која низ медиумите ја отвори колумбискиот судија, изјавувајќи дека ваков ВАР центар во Москва ќе има сигурно и светската куќа на фудбалот ќе нема потреба да користи ничиј друг центар (се мислеше на германскиот во Келн).
Сепак, употребата на германската инфраструктура сè уште не е сосема надвор од опциите на ФИФА, ако се присетиме на она што се случуваше минатата година на Купот на Конфедерациите и целата конфузија со која беше испратен овој систем во Русија. Дури и самиот Инфантино знае за видео-конфузијата која го испрати целиот шампионат и прашање е дали тој лично ќе дозволи да се игра со реномето на еден светски шампионат доколку Москва не направи перфектна ВАР база по примерот на онаа која Германците ја имаат во Келн. Оттука, и натаму во игра останува користењето на веќе постоечките ресурси, па Келн лесно може да влезе во еден дел од целиот систем кој ќе го опслужува првенството.
Втор голем проблем за ФИФА ќе биде стручната квалификација на луѓето кои треба да ги работат сите натпревари на првенството. Со оглед на тоа што во моментов видео-технологијата е применета (ефективно) во Германија, Италија и Португалија (иако во најголем дел се уште се тестира), плус во МЛС лигата на САД и австралијската А-лига, се поставува прашањето дали луѓето кои ќе работат на видео асистенцијата на главните судии нема да се судрат со проблемот на објективност. Причина, ФИФА ако не сака да ризикува во 3 месеци да обучува кадар од целиот свет кој ќе работи на ВАР системот и да предизвика нови конфузии за време на СП за кои потоа повторно ќе се кае како минатата година на светското клупско првенство и Купот на конфедерациите, ќе мора да побара веќе готов кадар. А него повторно во најголем дел ќе го има од Европа и тоа од една или две земји – Германија и Италија.
„Квалификацијата е од клучно значење, а не земјата или конфедерацијата од која доаѓа видео асистентот“, тврди првиот човек на Германската федерација, Рајнхард Гриндел.
Но дали така ќе сметаат и земјите учеснички на шампионатот при првата сомнителна ситуација? ФИФА ќе мора да се потпре на луѓе, главно од Германија и Италија кои имаат најголемо искуство во фактичката примена на ВАР системот и кои треба да ја имаат носечката улога во Русија. Тука ќе бидат и дел од експертите од Англија кои работеа на примена на технологијата во Купот. Сите овие имиња, колку и да ФИФА се повикува на нивната стручност, ќе бодат очи кај третите (засегнати) страни во случај на спор.
Затоа и скептичноста за подготвеноста на системот за имплементација на првенството во Русија провејува се уште. Еден од оние кои со скепса гледаат на ВАР е и првиот човек на УЕФА, Чеферин, кој јавно изјави дека не смета дека системот е зрел за примена на големи натпреварувања од типот на СП или Лига на шампиони.
Поврзани артикли