YouTube планира да ja интегрира една од најпопуларните мобилни функции во десктоп верзијата на сервисот. Ова е корисниот режим „слика во слика“ („Picture-in-Picture“) кој е веќе достапен за Android и iOS. Оваа функција ви овозможува да го минимизирате прозорецот на било кое видео и да можете да се движите низ интерфејсот на YouTube. На овој начин, откако ќе стартувате видео, ќе можете да кликнете каде сакате на страницата без клипот да исчезне од екранот, пренесува „TheVerge“.
Наместо тоа ќе се прикажува во „лебдечки прозорец“ во долниот десен агол, а звукот ќе продолжи да се слуша. „Picture-in-Picture“ режимот овозможува и да ги користите традиционалните копчиња за навигација на YouTube за стартување, паузирање, пропуштање и преминување кон следното видео. Името на снимката ќе продолжи да се појавува на врвот, а мала икона во десниот агол ќе ја активира целосната плејлиста што сте ја вчитале. Функцијата е достапна за ограничен број на корисници.
Google ќе продолжи со тестовите и најверојатно за неколку недели сите ќе можеме да го испробаме „Picture-in-Picture“ режимот на својот лаптоп или десктоп компјутер. Интеграцијата на оваа алатка ќе им се допадне на многу луѓе, бидејќи нуди многу повеќе можности за навигација и откривање содржини во популарната видео услуга.
YouTube подготвува премиера на нова услуга за стриминг на музика, а функцијата ќе ја олесни навигацијата помеѓу омилените албуми и песни.
Извор: The Verge