Изгледа дека кинескиот бренд Xiaomi подготвува доста интересни уреди. Многумина се во исчекување на новиот Mi Mix 2s, но се појавија информации дека пристигнува уште еден интересен телефон – Xiaomi Blackshark SKR-A0.

Според откриените информации од бенчмарк тестовите, резултатите што ги постигна новиот телефон се прилично високи. Моделот е опремен со Snapdragon 845 чипсет и има 8 GB RAM.

Според GSM Arena, инсајдерски извори тврдат дека добрите резултати се должат на новиот систем на ладење што придонесува CPU и GPU единиците да задржуваат ниски температури кога уредот извршува покомплицирани операции. Тоа би можело да биде знак дека Blackshark SKR-A0 ќе биде првиот гејмерски телефон на кинескиот производител.

Xiaomi е делумен сопственик на компанијата Black Shark Tech што е специјализирана за интересни OCR решенија (наменети за оптичко препознавање) и истражување во полето на развој на мобилни камери. Новиот Xiaomi ќе има дисплеј од 2160 x 1080p и оперативен систем Android 8.0. Кога ќе се појави на пазарот, Blackshark SKR-A0 би требало да му биде сериозен ривал на неодамна претставениот Razer Phone.

Извор: B92.net