И покрај скандалите околу манипулациите со издувните гасови од возилата и заканата за забрана на возила со дизел мотори во Германија, „Фолксваген“ ќе продолжува да инсистира на овој тип на мотори, рече шефот на концернот Матијас Милер на презентацијата на годишниот бизнис план во Берлин.
„Јас не само што се надевам, туку сум и убеден дека дизел моторот ќе доживее ренесанса. Модерните дизел мотори, кога станува збор за заштитата на климата, се дел од решението, а не проблемот“, рече Милер. Тој тврди дека дизел моторите во атмосферата испуштаат многу помалку штетен јаглероден диоксид од бензинските мотори.
Милер објави дека до 2022 година, „Фолксваген“ ќе инвестира над 90 милијарди евра во развојот на мотори со внатрешно согорување. Во исто време, концернот од Волфсбург ќе инвестира и во секторот на возила со електричен погон.
„Во наредните четири години, во областа на електричниот погон, дигитализацијата и автономното возење ќе инвестираме повеќе од 34 милијарди евра“, рече Милер.
Во исто време, тој истакна дека за развој на електрични автомобили треба да се подобри и инфраструктурата на станици за напојување.